Австриецот Јоханес Хан, досегашен еврокомесар за добрососедска политика и проширување, најверојатно ќе остане комесар и во новиот состав на Европската комисија, но ќе раководи со друг ресор. На негово место е предложен Унгарецот Ласло Трочањи.
Новата шефица на ЕК Урсула фон дер Лајен долго време имала директни консултации со Трочањи и нејзиниот избор, инаку предлог на унгарскиот премиер Виктор Орбан, не е случаен.
Партијата на која ѝ припаѓа Трочањи, Фидес ја поздрави одлуката на Фон дер Лајен како „значајно постигнување затоа што силите кои поддржуваат миграција ги спрегнаа сите сили да ја спречат канидатурата на Трочањи“. Фидес очекува социјалистите, либералите зелените и комунистите во ЕП да ја нападнат кандидатурата на Трочањи „со сите можни средства“ и притоа оценуваат дека тоа ќе бидат „непринципиелни напади“.
Британски „Гардијан“ проценува дека ќе има „пловидба по немирно море“ на „кандидатот на Виктор Орбан“ и притоа потенцира дека не смее да се игнорира прашањето „за почитување на владеењето на законите“.
Дебатата во ЕП за номинациите почнува уште неделава.
Кариера на судија, дипломат и универзитетски професор
Шеесет и тригодишниот Ласло Трочањи е адвокат, поранешен судија, дипломат и универзитетски професор, а специјалност му е уставно европско и компаративно право. Од 2019 година е член на Европскиот парламент, од владејачката партија во Унгарија Фидес. Претходно, од 2014 до 2019 година бил министер за правда.
Во периодот од 2000 до 2004 година бил амбасадор на Унгарија во Белгија и Луксембург, а од 2010 до 2014 година амбасадор во Франција. Трочањи бил заменик-член на Венецијанската комисија на Советот на Европа од 2005 до 2013 година и член на Уставниот суд на Унгарија од 2007 до 2010 година.
Тој е професор на Универзитетот во Сегедин.
Роден во 1956 година во Будимпешта, а во 1980 година завршил Факултет по право и политички науки. Оженет е и татко на три деца.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.