САД нарачале 10 милиони дози од лекот против Ковид на компанијата „Фајзер“, во вредност од 5,29 милијарди долари, а претседателот Џо Бајден најави дека лекот ќе биде бесплатен за граѓаните.

Фармацевтската компанија, на почетокот на неделава поднесе барање за итно одобрување на долгоочекуваниот лек, кој лесно се зема во домашни услови, во првите денови на симптомите во случај на зараза.

Дури и ако агенцијата допрва треба да даде зелено светло, јас веднаш презедов чекори за да гарантирам доволни количини лекови за американското население. Владата ги презема неопходните чекори за да гарантира дека лекот ќе биде лесно достапен и бесплатен – вели Бајден во објавата за набавката на лекот, притоа инсистирајќи на важноста на примањето на вакцината.

Антивирусниот лек, кој ќе се продава под името „Паксловид“ (Paxlovid), бил 89 отсто ефикасен во клиничките испитувања против хоспитализирање и смрт кога се земал во рок од три дена од почетокот на симптомите. Овие студии биле спроведени меѓу лица со висок ризик да развијат тешки форми на Ковид-19.

Антивирусните лекови ја намалуваат способноста на вирусот да се реплицира и на тој начин ја забавуваат болеста. Тие се сметаат за клучно дополнување на вакцината против Ковид-19.

Вакцинацијата е сè уште најважна за заштита на себе и на другите и за запирање на оваа пандемија. Но, за оние кои ќе се разболат и им се закануваат тешки последици, апчињата би можеле да ги спасат од одење во болница – наведе американскиот секретар за здравство Ксавиер Бесера во посебно соопштение.

Првата пратка од нарачаните лекови треба да пристигне до крајот на годината и на почетокот на 2022 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.