Судот во североисточната кинеска провинција Лиаонинг ја потврди смртната казна за обвинетиот Канаѓанецот Роберт Лојд Шеленберг, кој е осуден за трговија со дрога.

Апелацискиот суд соопшти дека се потврдува смртната казна што против Шеленберг беше изречена во јануари 2019 година.

Во последна инстанца оваа пресуда треба да ја потврди и Врховниот народен суд на Кина.

Шеленберг првично, во 2018 година, доби казна од 15 години затвор. Сепак, казната беше променета набрзо откако Менг Ванжоу, главната финансиска директорка на кинескиот телеком гигант „Хуавеи“, беше уапсена во Канада. Ќерката на основачот на „Хуавеи“, Рен Женгфеи беше обвинета за банкарска измама во САД во врска со кршење на санкциите против Иран.

Сега во Канада се води судски процес за тоа дали кинеската бизнисменка да биде екстрадирана во САД.

Од апсењето на Менг Ванжоу, уште двајца Канаѓани се задржани во притвор во Кина, поради што Пекинг е обвинет за „заложничка дипломатија“. Поранешниот канадски дипломат Мајкл Ковриг и бизнисменот Мајкл Спавор во меѓувреме се обвинети за шпионажа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.