Кина го осуди меморандумот за Хонг Конг усвоен во Вашингтон и го оцени како нескриено мешање во нејзините внатрешни работи.
Ова е нескриено мешање во работите на Хонг Конг и во внатрешните работи на Кина и е грубо кршење на нормите на меѓународното право – се наведува во соопштението на Комесаријатот на кинеското Министерство за надворешни работи во административниот регион, Хонг Конг.
Во соопштението се истакнува дека усвојувањето на Законот за национална безбедност ја вратило стабилноста во Хонг Конг, го зајакнало владеењето на правото и ги обезбедило легитимните права и интереси на локалното население“.
Комесаријатот нагласува дека законот е насочен исклучиво кон „неколкумина антикинески бунтовници што ја загрозуваат националната безбедност“ и дека 117 лица се приведени за негово кршење.
Кинеската влада е категорична во својата решеност да се спротивстави на мешањето на надворешните сили во работите на Хонг Конг и Кина, да го заштити суверенитетот на земјата, безбедноста и развојните интереси и да спроведе политика „една земја, два система“ – се додава во соопштението.
Американскиот претседател Џо Бајден потпиша декрет со кој се доделува привремен азил на одредени категории жители на Хонг Конг, кои се загрозени од прогон од централната влада во Кина.
Според соопштението на Белата куќа, претседателот потпишал „меморандум со кој се наложува одложување на протерувањето на одделни жители на Хонг Конг, кои во моментов се во САД и им се дава привремен азил“.
Во документот се нагласува дека САД имаат „убедливи надворешно политички причини“ да преземат соодветни мерки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.