Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун прв пат се огласи во јавен настап по повеќе од еден месец. Тој на состанокот на политбирото на Работничката партија изјави дека Северна Кореја спречила корона вирусот да влезе во земјата.

Темелно го спречивме влегувањето на вирусот во земјата и ја задржавме стабилна епидемиолошката ситуација и покрај светската здравствена криза, и тоа е „блескав успех“, изјави Ким, а објави државната новинска агенција КЦНА.

Тој ги предупреди жителите на Северна Кореја да останат и понатаму максимално внимателни.

Состанокот со политбирото се случува во момент кога многу земји ги олеснуваат мерките, и покрај тоа што светот се движи кон бројката од 10 милиони потврдени и пола милион починати од корона вирусот.

Зборувајќи за напорите против вирусот како „прашање за национална егзистенција“, Северна Кореја претходно годинава го запре речиси целиот прекуграничен сообраќај, забрани влез на туристи и ги мобилизираше здравствените работници да стават во карантин секој со симптоми кои личат на новото заболување.

Има и такви кои се сомневаат дека Северна Кореја ја избегнала пандемијата имајќи ја предвид слабоста на здравствената инфраструктура и блиските трговски и патнички врски со Кина, каде вирусот на корона се појави на крајот од минатата година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.