Канадските здравствени власти објавија дека ја одобруваат употребата на вакцината против Ковид-19 на „Фајзер/Бионтек“ за деца на возраст од 5 до 11 години.
По целосно независен научен преглед, Министерството за здравство утврди дека придобивките од оваа вакцина за деца на возраст од 5 до 11 години ги надминуваат опасностите – се вели во соопштението на властите.
Дозата на вакцината за овие деца е намалена на 10 микрограми по инјекција или три пати помалку од вообичаената доза. Инјекциите треба да се даваат со разлика од три недели, соопштија од националното медицинско тело „Хелт Канада“ (Health Canada), без да соопштат кога ќе почне вакцинацијата.
Ние работиме тесно со производителот и по одобрувањето очекуваме да ги добиеме дозите многу брзо – изјави Тереза Там, главен канадски службеник за јавно здравје.
Таа прецизираше дека федералните власти соработуваат со 13 провинции и територии за да се уверат дека сите се подготвени за испорака, логистика и спроведување на педијатриска имунизација.
За време на клиничките испитувања, имунолошкиот одговор на децата на возраст од 5 до 11 години бил сличен на оној на младите луѓе на возраст од 16 до 25 години. Вакцината била 90,7 отсто ефикасна во спречувањето на Ковид-19 кај деца на возраст од 5 до 11 години и не се забележани сериозни несакани ефекти, соопшти Министерството.
„Фајзер“ аплицираше за одобрување на 18 ноември врз основа на податоците од студиите спроведени на 2.268 деца од таа возрасна група.
Во средата, американската биотехнолошка компанија „Модерна“ поднесе барање за одобрување на својата вакцина против Ковид за деца на возраст од 6 до 11 години.
Во Канада, повеќе од 85 отсто од луѓето на возраст над 12 години се вакцинирани против Ковид-19.
Во светот, во мал број земји, вклучувајќи ги Израел и САД, досега е одобрена вакцината на „Фајзер/Бионтек“ за деца. Израел во вторник почнува да ги вакцинира децата на возраст од 5 до 11 години со вакцината.
Кина, Обединетите Арапски Емирати, Камбоџа и Колумбија исто така почнаа да ги вакцинираат децата помлади од 12 години, но со кинески вакцини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.