Јапонскиот град Нагасаки денеска ја одбележа 76-годишнината од нуклеарниот напад од страна на САД за време на Втората светска војна, а градоначалникот Томиша Тауе апелираше до јапонската Влада да земе поактивно учество во ослободувањето на светот од нуклеарно оружје.

Нема точни податоци за бројот на жртвите, но се проценува дека најмалку 74.000 луѓе го загубиле животот по фрлената нуклеарна бомба во Нагасаки, а илјадници починале од нуклеарно зрачење и последици од радијацијата во неделите, месеците и годините по нападот.

Тауе ја повика Владата во Токио да го потпише и ратификува договорот на ОН за забрана на нуклеарно оружје и да се приклучи кон договорот како набљудувач на првиот состанок на земјите потписнички.

По едноминутно молчење точно во 11:02 часот по локално време, во времето кога беше фрлена атомската бомба на 9 август 1945 година, Тауе го нарече Договорот за неширење на нуклеарно оружје „нов хоризонт“ за нуклеарно разоружување, но исто така изрази загриженост поради зголемување на опасноста од нуклеарните трки во светот.

Како единствена земја врз која е фрлена атомска бомба, должност на Јапонија е да ги предводи напорите на меѓународната заедница, чекор по чекор, кон реализација дека светот треба да биде ослободен од нуклеарно оружје – изјави премиерот Јошихиде Суга.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, исто така, најави стапување во сила на договорот за забрана на нуклеарно оружје, наведувајќи дека подготвеноста на САД и Русија да се вклучат во дијалог за контрола на вооружувањето, дава „причина за надеж“, но предупреди дека следува уште многу работа.

Три дена претходно, на 6 август 1945 година, САД го опустошија јапонскиот град Хирошима со атомска бомба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.