Норберт Фехер, исто така познат под псевдонимите Игор Вацлавиќ, Игор Рус или Игор Србин, по потекло од Србија е прогласен за виновен за тројно убиство во Шпанија. Тој е осуден за убиство на двајца полицајци и еден цивил во Шпанија, а истовремено е осомничен и за две убиства во Италија за време на грабеж.

Судот во шпанскиот град Теруел го прогласи Фехер за виновен за тројно убиство извршено во 2017 година во провинцијата Арагон, објавија српските медиуми.

Обвинителството бара доживотен затвор, а Судот ќе ја изрече казната следната недела.

Фехер во јануари минатата година во Шпанија беше осуден на 21 година затвор за обид за двојно убиство непосредно пред неговото апсење во 2017 година.

Фехер, кој имал лажен идентитет и се претставувал како поранешен воен специјален агент или шпион, се смета за крајно опасен, бидејќи во затвор нападнал двајца чувари со остар предмет. Поради тоа, за време на судењето беше чуван во специјален „стаклен кафез“, кутија направена од непробоен плексиглас.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.