Израелскиот министер за разузнавање, Елазар Стерн, предупреди дека не смее да се дозволи Сирија да набави хемиско оружје. Реакцијата на Стерн доаѓа откако „Вашингтон Пост“ објави дека Израел нападнал сириски објекти во кои наводно имало такво оружје.
Во интервју за израелското воено радио, Стерн директно не го коментираше извештајот на „Вашингтон Пост“ дека Израел двапати ги нападнал сириските постројки, еднаш годинава и еднаш минатата година, со цел да ги запре напорите на Сирија да ги обнови резервите на хемиско оружје.
Стерн, меѓутоа, навести дека Израел нема да прифати такво оружје во рацете на својот непријател на северната граница на земјата.
Имаме сосед што веќе докажа дека не се двоуми да употреби хемиско оружје, дури и против својот народ. Асад (сирискиот претседател) не смее да има хемиско оружје – изјави израелскиот министер.
Израелските власти одбија да го коментираат извештајот на американскиот весник.
Воените коментатори во Израел оценуваат дека времето на објавување на извештајот на весникот не е случајно и потсетија дека преговорите меѓу големите сили и Иран неодамна беа обновени во обид да се заживее нуклеарниот договор од 2015 година.
Иран има блиски врски со Сирија и испрати војници да ги поддржат силите на Асад во граѓанската војна во Сирија, што трае една деценија.
Израел долго време се спротивставува на нуклеарниот договор од 2015 година, со кој се ублажуваат економските санкции кон Иран во замена за ограничувања на неговата нуклеарна програма.
Наместо тоа, Израелците бараат договор со построги мерки против иранската нуклеарна програма, иранската ракетна програма и поддршка за екстремистичките организации, израелските непријатели како што либанскиот Хезболах.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.