Израелецот Јакоб Лави, хирург за трансплантација на срце, е првиот човек во светот кој прими четврта доза од вакцината против корона вирусот со што Израел станува првата земја која ќе ја испитува ефективноста на четвртото „боцкање“ и тоа со вакцината на „Фајзер“.

Мал убод во рамо, но голем скок за човештвото – вели Јакоб за чувството на примање на четвртата доза.

Д-р Јохај Регев, кој заедно со свој тим од 150 научници ќе го предводи истражувањето, порача дека се очекува оваа студија да ги расветли дополнителните придобивки од давањето на четвртата доза.

Ќе се стремиме да разбереме дали и на кого вреди да се даде четвртата доза. Целта е да се утврди дали четвртата доза е ефикасна за производство на антитела и дали е безбедна. Резултатите од студијата ќе помогнат да се одреди политиката не само во Израел, туку и во светот во време кога новиот омикрон-сој предизвикува нов бран на инфекции – истакна д-р Регев.

Израелскиот премиер Нафтали Бенет оцени дека Израел предничи во борбата со пандемијата во светот. Тој потсети дека граѓаните на Израел први во светот почнаа да ја примаат и третата доза од вакцината.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.