Шефот на израелската дипломатија, Јаир Лапид, порача дека ако е неопходно, Израел е подготвен и сам да дејствува против Иран.

Секако дека ние повеќе би сакале да дејствуваме во соработка со меѓународната заедница, но ако е неопходно, ќе дејствуваме сами. Самите себе ќе се браниме – истакна Лапид на седница на одборите за надворешни работи и за одбрана.

Лапид додаде дека Иран се грижи само за укинување на санкциите од САД и да вложи милијарди долари во својата нуклеарна програма за да ги финансира шиитските милиции во регионот.

Во Виена денеска почна осмата рунда разговори за обнова на Заедничкиот сеопфатен акциски план за иранската нуклеарна програма. Преговорите за нуклеарниот договор со Иран се водат од април 2021 година. Преговарачите веќе потврдија дека работата ќе продолжи врз основа на документите разработени во шесте рунди. Беше забележано дека сите страни сакаат да го вратат Договорот во првобитната форма. На пример, земјите одредиле кои американски санкции против Иран треба да бидат укинати и листа на чекори во областа на нуклеарната енергија што Иран мора да ги преземе за да се врати на своите нуклеарни обврски.

Израел уште во 2015 година беше против Договорот за иранската нуклеарна програма, а и сега е против продолжувањето на преговорите за заживување на Договорот и ги предупредува дека тоа нема да го запре Иран да стане нуклеарна сила.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.