Израел ја укинува повеќедецениската забрана за хомосексуалците да може да даруваат крв.
Промената на израелската политика следи откако во јуни, Велика Британија им дозволи на хомосексуалците и бисексуалците да донираат крв, по сличниот потег на САД минатата година.
Забраната за геј мажи да даруваат крв е остаток од стереотип што припаѓа во минатото. Секој дарител на крв кој сака да спаси животи ќе биде третиран подеднакво, без оглед на полот или сексуалната ориентација – изјави министерот за здравство Ницан Хоровиц, кој и самиот е деклариран хомосексуалец.
Во соопштението на Министерството за здравство се наведува дека од 1 октомври формуларите што мора да се пополнат пред дарување крв ќе бидат променети
Клаузулата со која се забранува крв од маж кој имал сексуален однос со друг маж (дури и постојан партнер), ќе биде укината – се вели во соопштението.
Наместо тоа, прашалниците ќе вклучуваат нова клаузула со која се забрануваат донации од луѓе кои „имале сексуална врска со висок ризик со нов партнер или повеќе партнери“ во изминатите три месеци.
Во моментов, хомосексуалците можат да даруваат крв ако поминала една година од нивната последна сексуална врска.
Друга опција е да им се замрзне крвната плазма во период од четири месеци за да се осигура дека нема „заразни болести“ – потсетуваат од Маген Давид Адом, кој исто така служи како владина организација за крвна служба.
ЛГБТК Асоцијацијата за еднаквост во Израел ја пофали одлуката како историски потег за гордата заедница и израелското општество на патот кон еднаквост.
Крвта на стотици илјади граѓани не е од втора класа – се вели во соопштението на Асоцијацијата.
Во неодамнешниот извештај на Министерството за здравство се вели дека во 2020 година, во Израел имало 361 ХИВ-позитивни лица, пет проценти помалку од претходната година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.