Израел го укина задолжителниот карантин по пристигнувањето на аеродромот во Тел Авив за израелските граѓани кои се враќаат од 20 „зелени“ земји, како и за граѓаните на тие земји, објавено е на веб-страницата на израелската влада.
На списокот земји, за кои израелските власти сметаат дека се земји со низок ризик во однос на ширењето на корона вирусот, се вклучени 15 европски земји, вклучувајќи ги и Хрватска, Австрија, Италија, Германија, Унгарија и Словенија, како и пет други земји, вклучувајќи ги Канада и Нов Зеланд.
Списокот, пак, не ги вклучува Франција и САД.
Израелската влада ја донесе одлуката на 13 август, а таа стапи на сила денеска.
На почетокот на пандемијата, Израел воведе задолжителна самоизолација од 14 дена за секој човек што влегува на израелска територија.
И покрај фактот што бројот на заразени лица во Израел е сè уште релативно висок, израелските туристи може да одат во Хрватска, Бугарија и четири региони во Грција (Атина, Солун, Крф и Крит).
Вкупно 600 израелски туристи неделно можат да влезат во овие грчки региони.
Патниците што ќе го напуштат Израел за тие земји треба да направат тест за корона вирус пред да заминат од аеродромот Бен Гурион во Тел Авив.
Израел има население од 9 милиони, со вкупно 92,000 заразени и 679 мртви. Тоа е една од највисоките стапки на инфекција по глава на жител во светот, но бројот на починати е релативно низок.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.