Лидерите на италијанската Демократска партија на левиот центар (ПД) и популистичкото движење Пет ѕвезди денеска соопштија дека се договориле да формираат коалициска влада.

До договорот дошло кога Демократската партија се согласила на барањето на Пет ѕвезди Џузепе Конте повторно да биде премиер. Потоа тие побарале од претседателот на државата да му го даде на Конте мандатот за формирање нова коалициска влада.

Му кажавме на претседателот дека постигнавме договор со ПД, кој ќе овозможи Конте да биде следниот премиер, рече водачот на Пет ѕвезди, Луиџи ди Мајо, по средбата со италијанскиот претседател Серџо Матарела, која беше последната можност да се излезе од кризата, пренесува Би-би-си.

По состанокот со претседателот на Италија, претседателот на Демократската партија, Никола Цингарети, рече дека смета оти „вреди да го пробаме ова“.

Откако Конте ќе му предложи список на министри на претседателот Матарела, двата дома на италијанскиот парламент треба да гласаат за доверба во новата влада.

Планираната заедничка администрација ќе работи до следните закажани избори во 2023 година.

Со оваа коалиција, десничарската лига на Матео Салвини е оставена надвор од власта неколку години.

Конте пред една недела поднесе оставка откако десничарската Лига реши да ѝ ја ускрати поддршката на популистичката влада.

Со овој потег тој го спречи гласањето недоверба на владата, кое се очекуваше тој ден, 12 дена откако го бараше Салвини, кој е и вицепремиер.

Пред да објави дека поднесува оставка, Конте рече дека одлуката на Салвини „има големи последици за земјата и за нејзината економија“.

Мајо ја поздрави подготвеноста на демократите повторно да го прифатат назначувањето на Конте за премиер.

Доколку не беше постигнат договор, претседателот ќе назначеше преодна влада и ќе распишеше предвремени избори.

Двете партии, инаку жестоки ривали, водеа напнати преговори по минатонеделниот распад на претходната коалициска влада.

Може да се случи владата на Движењето пет ѕвезди и демократите да не биде постабилна од оваа што заминува, со тензии при составувањето на буџетот.

Лидерот на Лига вети стимулативен пакет од 50 милијарди евра во буџетот за 2020 година, кој мора да ѝ биде претставен на Европската комисија до средината на октомври. Ова може да доведе до сериозен конфликт со ЕУ, со оглед на огромниот долг на Италија, што, како што истакнува Фајненшл тајмс, покажува колкава е цената на политичката криза.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.