Исламистичката група Ал Шабаб извршила вооружен напад во град во полуавтономната држава Галмудуг во Сомалија во кој се убиени триесетина луѓе.

Напаѓачите користеле автомобили-бомби за да ја нападнат воената база во градот Висил, во централна Сомалија, почнувајќи борба со владините трупи и вооружените локални жители.

Тие ја нападнаа базата со два автомобили-бомби, по што следеа жестоки борби што траеја повеќе од еден час – соопшти мајорот Мохамед Авале, воен офицер од Галмудуг

Тој додаде дека бомбите оштетиле воени возила.

Во борбите се убиени 30 лица, меѓу кои 17 војници и 13 цивили – изјави Авале.

Повеќето повредени во нападот со авион се пренесени во главниот град Могадишу на лекување.

Сомалиската Влада експресно го осуди нападот, наведувајќи дека во борбите се убиени 41 борец на Ал Шабаб.

Ал Шабаб ја презеде одговорноста за нападот, соопштувајќи дека неговите борци убиле повеќе од 30 војници и повредиле повеќе од 40 други.

Групата Ал Шабаб, сојузник на Ал Каеда, во Сомалија се бори повеќе од една деценија, обидувајќи се да ја собори централната влада на земјата и да воспостави свое владеење темелено врз строгото толкување на исламскиот шеријатски закон.

Борците од групата често извршуваат вооружени и бомбашки напади врз голем број цивилни и воени цели, вклучувајќи сообраќајни раскрсници, хотели и воени бази.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.