Новиот ирански претседател Ебрахим Раиси ја прими денеска првата доза од иранската вакцина против коронавирус COV Iran Barakat, објави телевизијата ИРИБ.

Раиси бил вакциниран во една од здравствените установи во Техеран. Иранската телевизија емитува снимки од вакцинацијата на претседателот.

Имунизацијата на иранското население со вакцината од домашно производство COV Iran Barakat со тест период започна на 12 јуни во градот Машхад, кој се наоѓа во источниот дел на земјата.

На 14 јуни лекот доби дозвола од Министерството за здравство за итна употреба низ целата земја. На 23 јули, иранскиот духовен лидер Али Хамнеи ја прими втората доза од иранската вакцина против коронавирус.

Освен иранската вакцина, земјата ја користи и руската „Спутник В”, како и кинеската „Синофарм”, индиската „Барат биотек” и британско-шведската „Астра Зенека”.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.