На барање на Турција, Меѓународната полициска организација (Интерпол) денеска распиша потерници по 20 државјани на Саудиска Арабија осомничени за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги.
Осомничените се дел од т.н. тим за егзекуција и сега ќе се трага по нив во секоја земја членка на Интерпол.
Се претпоставува дека осомничените се вратиле во Саудиска Арабија, откако на 2 октомври минатата година го извршиле убиството на Кашоги во Саудискиот конзулат во Истанбул.
Според тврдењата на Анкара, осомничените допатувале во Турција само со цел да го убијат Кашоги и „да се ослободат од неговото тело“.
Најавата на Интерпол уследи откако Турција денеска ја повика Саудиска Арабија да ги објави имињата на обвинетите за убиството на Кашоги и да ги обелодени обвиненијата против нив.
– Ја повикуваме Саудиска Арабија да му каже на светот кои поединци во моментот се на судење врз основа на обвиненијата, истакна портпаролот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, Фахретин Алтун.
Турската полиција минатиот месец соопшти дека верува оти некои делови од телото на убиениот новинар можеби се запалени. И покрај истрагата што ја спроведе Турција во Конзулатот на Саудиска Арабија и на уште неколку локации, телото на Кашоги се уште не е пронајдено.
Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган за убиството на Кашоги ги обвини лидерите на Саудиска Арабија и побара да се откријат локалните соработници.
Кашоги беше новинар на весникот „Вашингтон Пост“, познат по своите критички текстови за властите во Ријад, поради што како наредбодавец на неговото убиство беше посочуван лично саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Салман.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.