Вториот бран на корона вирусот во Индија рапидно се претвора во катастрофа, со пренатрупани болници, намалени залихи на кислород, очајни луѓе кои умираат во ред чекајќи да ги видат докторите, масовно палење на тела на починатите и се поголеми докази дека вистинските бројки на умрените се многу поголеми од официјалните.
Индија денеска бележи нов црн рекорд во дневниот број на заразени. Регистрирани се вкупно 349.691 нови случаи, од почетокот на пандемијата, вкупниот број на заразени во Индија се зголеми на скоро 17 милиони, додека бројот на смртни случаи на 192.311.
Ситуацијата е толку лоша што премиерот Нарендра Моди ја оцени како „бура“ на корона вирусот.
Ние сме сигурни, нашиот дух се крена по успешниот одговор на првиот бран, но ова невреме ја потресе нацијата – изјави Моди, повикувајќи ги граѓаните да се вакцинираат.
Масовно горење на тела
Како што пишува „Њујорк Тајмс“, на едно од најголемите места за кремирање во Ахмедабад, во западната држава Гуџарат, пожар гори 24 часа на ден, „како индустриска фабрика која никогаш не се гаси“.
Кремациите се важен дел од хинду-погребувањата, бидејќи тие симболизираат ослободување на душата од телото. Работниците кои ги погребуваат мртвите велат дека се крајно исцрпени и дека не паметат кога толку многу луѓе умреле за толку кратко време.
Во Сурат, во Гуџарат, решетката на која се горени телата се користела толку без престан што дел од железото се стопил. Во Канпур, во индиската држава Утар Прадеш, телата сега се закопуваат во градските паркови, бидејќи крематориумите се полни.
Понекогаш се палат десетици огнови истовремено – се наведува во весникот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.