Основачот и сопственик на „Тесла“, Илон Маск, продал акции од компанијата во вредност поголема од 1,1 милијарда долари, објави „Си-Ен-Би-Си“, повикувајќи се на финансиски документи.
Маск продал повеќе од 930.000 акции откако беше обвинет за затајување данок. Бизнисменот, сепак, сè уште поседува повеќе од 170 милиони акции во компанијата.
Продажбата на акциите се реализира откако бизнисменот на Твитер спроведе анкета дали треба да продава акции во „Тесла“ за да го покрие наводното затајување данок.
Во последно време многу се зборува за неостварената добивка како алатка за даночно затајување, па се нудам да продадам 10 отсто од своите акции во „Тесла“ – напиша Маск во анкетата за интернет потрошувачите.
Повеќе од половината од нив или 57,9 отсто се изјаснија за продажба на акциите.
Весникот „Волстрит журнал“ истакна дека Маск останува најголемиот акционер во „Тесла“, со сопственост врз околу 17 отсто од компанијата, чија вредност се проценува на околу 200 милијарди долари.
Маск објасни дека ги продава акциите за да си ги плати даноците.
Претходно, бизнисменот го критикуваше „данокот за милијардерите“, што го предлагаат демократите во американскиот Конгрес.
Веднаш по неговиот твит вредноста на акциите на „Тесла“ опадна, а капитализацијата на компанијата падна под еден трилион долари.
Американската компанија „Тесла Моторс“ е основана во 2003 година како иноватор и производител на електрични возила и сродни технологии. Седиштето на компанијата е во Пало Алто, во Калифорнија. Покрај електричните возила, компанијата произведува батерии и електрични мотори користејќи сопствена технологија и ги продава на други автомобилски компании како „Тојота“ и „Дајмлер“.
Според рејтингот на милијардери на „Форбс“, на 1 ноември годинава Маск стана првиот човек во историјата чие богатство надмина 300 милијарди долари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.