Илјадници луѓе, главно жени, излегоа на протести ширум Турција да го изразат својот револт поради повлекувањето на нивната земја од Истанбулската конвенција, меѓународен договор за спречување на семејно насилство.
Таквиот турски потег веднаш беше осуден од ЕУ, САД и бројни групи за човекови права.
Демонстрантите во центарот на Истанбул носеа транспаренти како што се: „Не се откажуваме од Истанбулската Конвенција. За нас не е готово“.
Протести се одржаа во повеќе поголеми градови во Турција, меѓу кои Истанбул, Анкара и Измир.

Турција го врати времето 10 години наназад во однос на правата на жените. Одлуката на Турција е несовесна и опасна порака, бидејќи насилниците може да избегнат казни – истакна генералната секретарка на Амнести Интернешнл, Агнес Каламард.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс изјави дека повлекувањето на Турција од конвенцијата е „длабоко разочарувачко“.
Претседателот Реџеп Тајип Ердоган го најави повлекувањето на Турција од конвенцијата во март, а одлуката официјално стапи во сила вчера.
Турското раководство го објасни напуштањето на документот со тврдење дека тој бил киднапиран од оние кои сакале да ја „нормализираат хомосексуалноста“. Ердоган рече дека наводно некои во Турција сакаат погрешно да ја претстават одлуката како „чекор назад за државата“.
Нашата борба против насилството врз жените не почна со Истанбулската конвенција, ниту ќе заврши со нашето повлекување од неа – изјави турскиот претседател.

Ердоган ја донесе ваквата одлуката и покрај тоа што бројот на убиства на жени во Турција е зголемен во текот на изминатата деценија. Според Здружението за правата на жените „Да ставиме крај на убиството на жени“, минатата година 300 жени во Турција биле убиениод страна на нивните партнери или поранешни партнери.
Според податоците на здружението, оваа година нема тренд на опаѓање, бидејќи досега се убиени 189 жени.
Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, таканаречената Истанбулската конвенција, е документ усвоен во 2011 година и потпишан од страна на 45 земји и од Европската Унија.
Станува збор за првиот правно обврзувачки и сеопфатен меѓународен механизам за борба против насилството врз жените и семејното насилство.
Конвенцијата обезбедува детална меѓународна правна рамка за поефикасно искоренување на семејното насилство и насилството врз жените.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.