Холандскиот јавен радиодифузен сервис (НПО) се извини поради погрешниот текст што го објави при интонирањето на германската химна пред вчерашниот осминафинален натпревар од Европското првенство меѓу репрезентациите на Англија и Германија во Лондон.
Холандската телевизија за време на директниот пренос при титлувањето на зборовите од химната го објави стихот „Германија, Германија над сè“, кој е исфрлен од германската химна уште по крајот на Втората светска војна.
Тој стих беше прикажан по грешка и им се извинуваме на гледачите, кои се најдоа повредени од нашата грешка – објави НПО на својот официјален Твитер профил.
Германската химна официјално се состои од три строфи, но од крајот на Втората светска војна се пее само третата строфа (Единство и право и слобода).
Првата, која ги содржи зборовите „Германија, Германија над сè на овој свет“, и втората строфа, не се интонираат на официјални настани од 1949 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.