Холандскиот премиер, Марк Руте, најави дека повеќето карантински мерки што се воведени во државата од октомври, ќе останат во сила и во наредните недели поради стравувањата од нагло зголемување на смртноста како резултат на новите мутации на корона вирусот.
Владата сè уште размислува дали да се продолжи мерката за ограничување на движењето во вечерните часови и по следната недела – изјави премиерот за медиумите.
Од владиниот Кабинет претходно објавија дека од 8 февруари ќе се отворат основните училишта и градинките, со можност за отворање и на средните училишта, но тоа, сепак, нема да се случи пред март.
Неизбежно е затворањето да продолжи до најмалку 2 март. Третиот бран неизбежно доаѓа кај нас – нагласи Руте, потсетувајќи на новите позаразни варијанти на вирусот.
Во Холандија постои строга блокада од средината на декември, а минатиот месец, за првпат по Втората светска војна, беше воведен полициски час, што предизвика масовни протести и немири.
Националниот Институт за здравство вчера објави дека во изминатата недела имало 28.628 случаи на инфекција со корона вирусот, што е за 20 проценти помалку од претходната недела и е најниска инциденца од октомври, кога стапија на сила ограничувањата.
Сепак, од Институтот соопштија дека падот оваа недела ќе бил уште поголем да не беа новите варијанти на вирусот што влегоа во Холандија, особено британската варијанта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.