Кибер напад врз најголемата светска компанија за преработка на месо – „JBS“ го парализира поголемиот дел од производството во Cеверна Америка и Австралија.

„JBS“ во неделата го пријави нападот во американската Влада – соопшти портпаролката на Белата куќа.

Бразилската компанија „JBS“ претходно преку својата подружница во САД потврди дека била цел на напад што ги погодил серверите на нејзините ИТ системи во Cеверна Америка и Австралија.

Ќе биде потребно извесно време за тоа да се реши – соопштија од компанијата.

Владата на САД соопшти дека хакерите барале откуп. „JBS“ ја известила Белата куќа дека барањето доаѓа од криминална организација, чие седиште, најверојатно, е во Русија.

Вашингтон веќе и соопшти на руската Влада дека одговорна држава не обезбедува засолниште за извршителите на вакви напади – соопшти Белата куќа.

И ФБИ е вклучен во случајот и спроведува истрага.

Петте најголеми погони за преработка на месо во САД морало да бидат затворени поради нападот, пренесоа американските медиуми повикувајќи се на синдикатите и на вработени.

Производството, исто така, значително е намалено во Канада и Австралија.

Холдингот „J&F Investimentos“, на кој му припаѓа „JBS“, вработува повеќе од 250.000 лица и е присутен во 190 земји.

Пред неколку недели, кибер напад врз најголемиот гасовод во САД привремено го прекина снабдувањето со гориво во земјата. Притоа операторот „Колонијал“ на хакерите им исплатил откуп од 4,4 милиони долари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.