Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, изјави дека една година по избувнувањето на пандемијата на корона вирусот светот покажал дека се соочува и со пандемија на кршење на човековите права.
Пандемијата со Ковид-19 ги продлабочи постојните поделби, слабости и нееднаквости и отвори нови прашања, вклучувајќи ги и прашањата за човековите права – пишува Гутереш во авторскиот текст за лондонски „Гардијан“.
Проценувајќи дека корона вирусот се шири затоа што сиромаштијата, дискриминацијата и уништувањето на природната средина создале голема слабост во општеството, Гутереш посочи дека животот на стотици милиони семејства претрпел големи промени поради загубите на работни места, зголемените долгови и паѓањето на приходите.
Според Гутереш, особено погодени се работниците во првите редови на борбата против вирусот, лицата со попреченост, старите лица, жените и малцинствата, додавајќи дека во неколкуте последени месеци напредокот во областа на родовата еднаквост е вратен на ниво од пред неколку децении.
Генералниот секретар на ОН во текстот посочува и дека најголемиот товар на домашните обврски го презеле жените, додека насилството врз нив е зголемено во сите форми, од злоупотреба преку Интернет до семејно насилство, трговија со луѓе, сексуална експлоатација и детски бракови.
Гутереш предупреди дека екстремната сиромаштија е зголемена првпат по неколку децении.
Првиот човек на светската организација особено укажува на неуспехот да се обезбеди правичност при достапноста на вакцинацијата против корона вирусот.
Само 10 земји примија повеќе од 75 проценти од сите произведени вакцини против Ковид-19, додека повеќе од 130 земји немаат примено никаква доза на вакцина – посочува Гутереш.
Генералниот секретар на ОН додава дека корона вирусот ги нарушил и политичките и граѓанските права, додавајќи дека, користејќи ја пандемијата како изговор, властите во некои земји вовеле вонредна состојба за да се справат со неистомислениците, да се замолчи независното известување и да се ограничат невладините активности.
Ковид-19 утврди две основни вистини за човековите права. Прво, кршењето на човековите права им штети на сите, и второ, човековите права се универзални и не штитат сите подеднакво – посочи Гутереш.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.