Десетици илјади луѓе излегоа на улиците на главниот град на Грузија, Тбилиси, со барање за ослободување на поранешниот претседател Михаил Саакашвили, кој се наоѓа во притвор откако се врати од егзил во октомври. Веднаш откако беше притворен, Саакашвили почна штрајк со глад.
Најмалку 50.000 луѓе се собраа на плоштадот „Слобода“ во центарот на Тбилиси, извикувајќи го името на Саакашвили.
„Ослободете го Саакашвили“ и „Не на политичкиот прогон“ – пишуваше на транспарентите на демонстрантите.
Михаил Саакашвили (53), грузиски претседател од 2004 до 2013 година, беше уапсен на 1 октомври по враќањето од осумгодишниот егзил и веднаш беше затворен на отслужување на шестгодишната казна за злоупотреба на службената положба.
Поранешниот претседател, сега лидер на опозицијата, ја отфрла пресудата, која ја смета за политичка, и вели дека почнал штрајк со глад во знак на протест против затворањето.
Неговото затворање е дел од политичката криза што ја потресе Грузија по парламентарните избори во октомври 2020 година, на кои со мала разлика победи владејачката партија „Грузиски сон“, на милијардерот Биџина Иванишвили, голем ривал на Саакашвили.
Поранешниот шеф на државата, харизматична личност кој е еднакво поддржуван и критикуван во јавноста, тајно се врати во Грузија на почетокот на октомври пред локалните избори, што беа многу важни за опастанокот на владата.
Владејачката партија на крајот победи на изборите со 46,7 проценти од гласовите, наспроти 30,6 проценти за Обединето национално движење на Саакашвили. Различните опозициски партии заедно собраа 53 проценти од гласовите и укажаа на масовни проневери.
Во поголемите градови, вклучувајќи го и Тбилиси, вториот круг од изборите ќе се одржи на 30 октомври.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.