Податоците за руската вакцина против Ковид-19 се нецелосни, има недоследности и повторување како „копи/пејст“. За вакво нешто предупредуваат 38 научници, чии ставови се објавен во списанието „Nature“.

Изданието потсетува дека руските податоци беа објавени овој месец во медицинското списание „The Lancet“.

Во отворено писмо до руските автори, научниците истакнуваат дека објавените резултати од раната фаза на истражувањето се претставени само во форма на графикони, без специфичните податоци врз кои се градени тие графикони.

Италијанскиот молекуларен биолог Енрико Бучи истакнува дека во руската публикација во „Лансет“ е претставено мерење на нивото на имуните клетки во крвта на девет групи волонтери врз кои се тестирани различни формули за вакцини. Во две од овие групи, податоците се покажале исти.

Шансите ова да се случи во природни околности се мали – вели Бучи.

Научниците велат дека тие не обвинуваат, но за да се направи соодветна проценка, потребна е подетална презентација на оригиналните податоци.

Во исто време, се забележува дека објавувањето на таквата студија без детални податоци е многу невообичаено однесување во научната заедница.

Од „Nature“ побарале појаснување од авторот на руската публикација за вакцината во истражувачкиот центар Гамалеја, Денис Логунов, но тој одбил да даде коментар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.