Кукавичко и подмолно од зад грб убиство на поранешниот и еден од најуспешните јапонски премиери во тек на изборна кампања, напиша на Фејсбук, Никола Груевски.
Шинзо Абе беше пријател на Македонија. Се сретнавме при мојата официјална посета на Јапонија на 1.Јули 2014 година, кога бев во комбинирана политичко-економска мисија во таа земја.
Имавме многу теми кои ги дискутиравме, но паметам дека образложив и замолив Јапонската влада да донесе одлука со која ќе ја признае Македонија под уставното име – Република Македонија, наместо како претходно под привремената референца ПЈРМ.
Одговорот беше воздржан и без брзи ветувања, во духот на јапонската култура информирајќи ме дека ќе го разгледаат тоа наше барање.
Околу два месеци подоцна во мојата канцеларија во Скопје пристигна висок дипломат на јапонската влада кој ме извести дека нашето барање е прифатено и одлуката за признавањето е донесена, дека од тој момент па натаму ќе не ословуваат под уставното име и замолија одлуката да остане тивка, за да не се иритираат нашите јужни соседи. Така и бидна, ниту ние, ниту тие објавивме, но од тој ден па се до одлуката на актуелната власт да ја преименува државата, не нарекуваа како што стоеше во нашиот устав и како што сакавме и баравме ние: Република Македонија.
Пред некоја година по осум години непрекинато и девет години со прекин водење на јапонската влада се повлече од премиерската функција заради здравствени причини, но остана во политиката.
Дресот на јапонската репрезентација со број 20 кој во таа прилика ми го подари секогаш ќе ме потсеќа на еден мудар, скромен и тивок човек и лидер кој одбележа една епоха не само во Јапонија туку и на светско ниво, кој исполнуваше повеќе отколку што ветуваше.
Нека почива во мир, напиша Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.