Градоначалничката на Вашингтон, Мјуриел Баузер (48) им се придружи на илјадниците демонстранти во нејзиниот град и ги повика граѓаните да гласаат против Доналд Трамп на изборите во ноември преку Твитер.

Баузер, родена на 2 август 1972 година, е осми градоначалник на главниот град на САД. Пред изборите за градоначалник на Вашингтон, одржани во ноември 2014 година, таа беше член на Окружниот совет на округот Колумбија, претставувајќи ја 4-тата област на градот Вашингтон. Таа е член на Демократската партија. Таа е втора жена во историјата што е градоначалник на Вашингтон по Шерон Прат Кели.

Иако американските медиуми ја опишуваат како жена која ја задржува приватноста, нејзиниот приватен живот се најде во фокусот кога посвои бебе во 2018 година, девојче Миранда Елизабет Баузер. Никогаш не се омажила и е самохрана мајка. Кога Миранда имаше три месеци, таа одлучи да ја претстави пред јавноста во емотивно домашно интервју со водителката на шоуто „Денес“, кога рече дека се надева дека нејзината приказна за посвојувањето ќе ги охрабри другите жени да основаат свои семејства.
Муриел Баузер пораснала во „Норт Мичиген Парк“ во североисточниот дел на округот Колумбија. Нејзината биографија наведува дека е најмала од шестте деца на Џоан и Џо Баузер. Дипломирала во 1990 година во средното училиште Елизабет Сетон, приватно католичко средно училиште за девојчиња сместено во Бладенсбург, Мериленд. Поради одличните оценки, таа добила стипендија за факултет.

Дипломирала на универзитетот Чатам во Питсбург, Пенсилванија, со диплома по историја и добила диплома за јавна политика од американскиот универзитет СПА во Вашингтон. Таа се преселила во „Ригс Парк“ во 4-та област во градот Вашингтон во 2000 година.

Нејзините родители – кои сè уште живеат во нејзиниот дом од детството во „Норт Мичиген Парк“ – и помагаат на Бауер кога треба да се грижи за Миранда. Кога мора да работи за време на викендите, Баузер се обидува овие настани да ги направи семејни. Баузер на тој начин се обидува да помине што е можно повеќе време со Миранда, ужива да и чита многу и да ја носи на прошетки.

Патем, Вашингтон, главниот град на САД, има посебен статус. Означувањето на ДЦ во името на градот е „Дистрикт Колумбија“. Според ДВ, овие специјални околности, за време на протестот, довеле до расправија меѓу Трамп и градската власт на Вашингтон, а прашањето е кој ја има моќта: американскиот претседател или градоначалникот?

Таа воведе забрана за излегување во 19 часот во понеделникот навечер, со цел да се спречат насилни немири и грабежи. Но, полицијата ги нападна демонстрантите 25 минути пред да започне забраната. Федералната полиција ја расчисти областа пред Белата куќа, за американскиот претседател да може да оди до црквата Свети Јован преку седиштето на Владата, каде што позираше за фотографи. Демонстрантите од областа беа распрснати со солзавец за да може Трамп да се слика со Библијата пред црквата која била оштетена од демонстрантите.

Оваа апсурдна ситуација е само еден пример, според ДВ, што јасно го покажува необичниот статус што го има Вашингтон. Главниот град на САД не е ниту дел од американска сојузна држава, ниту е независна федерална држава.
Вашингтон не е претставен во Претставничкиот дом од сенатори или пратеници. Сите обиди на активистите да ја направат оваа област држава, досега не успеаја. За да се случи таквата промена, двата дома на американскиот Конгрес би требало да гласаат за тоа, а многу републиканци – кои имаат мнозинство во Сенатот – се против главниот град на САД да стане држава. Во противниците се вклучува и сегашниот претседател.

„ДЦ никогаш нема да стане држава“, рече Трамп во мај оваа година. „Зошто би? За да добиеме уште двајца демократски сенатори и петмина пратеници во Конгрес?“, со што аалудираше на мнозинскиот демократски електорат во главниот град.

Во американскиот политички систем, сојузните држави имаат висок степен на автономија: гувернерот одлучува како ќе се организираат избори во нивните држави, како ќе изгледа образовниот систем, но и до кој степен и кои полициски сили ќе бидат ангажирани во одредени ситуации. Сепак, Вашингтон нема гувернер, но тоа е седиште на американската влада. И тоа значи дека Трамп може да се однесува како „мал крал“ во екстремни ситуации како оваа. Неговата порака е: Вашингтон не е град на градоначалникот Баузер, тоа е негов град.

Претседателот може да ангажира тајни служби, кои се грижат за неговата безбедност или Националната гарда – да се грижи за „редот и законот“ – како што најави. И дури и ако тоа значи прогон на мирни демонстранти од паркот пред Белата куќа. Областа околу седиштето на владата не е во надлежност на градската полиција во Вашингтон. За безбедноста околу Белата куќа, меѓу другите, се грижи тајната служба – подредена на Трамп.

Владата на Трамп, наводно, предложила во понеделникот да ја преземе контролата врз полицијата во Вашингтон додека протестите траат, но Градот одби.

„Полициските службеници во Вашингтон сè уште се подредени на градоначалникот“, рече градоначалникот Баузер. Тензиите се зголемија и со одлуката на градоначалникот на Вашингтон да му пркоси на американскиот претседател, паркот „Лафајет“ во близина на Белата куќа, именуван по херојот на Американската војна за независност и Француската револуција, да го преименува во име „Животите на црните луѓе се важни“.

Овој плоштад стана главно место за собирање на честопати насилни протести против полициската бруталност.

Трамп ја нарече градоначалничката некомпетентна, додавајќи дека Националната гарда ја спасила од „голем срам“. Тој се заканува дека ќе го прогласи движењето „Антифа“ за терористичка организација. Во писмото до претседателот, Баузер побарала од полициските единици да го напуштат „нашиот град“, таа ангажирала уметници да ги насликаат улиците северно од преименуваниот плоштад, со натпис Животите на црните луѓе се важни“ со жолта боја, заедно со знамето на градот.

Знакот се протега низ неколку блока до 16-та авенија, еден од главните автопати во градот. Интересно е и тоа што локалниот огранок на движењето Животите на црните луѓе се важни“ го критикуваше овој потег како пренасочување од барањето за намалување на буџетот на локалната полиција, додека демонстрантите низ целата земја го истакнуваат истото барање.

„Животите на црните луѓе се важни“ значи да ги намалите средствата на полицијата“, напиша групата на Твитер.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.