Некои американски милијардери, кои се меѓу најбогатите луѓе во светот, Џеф Безос, Илон Маск или Џорџ Сорос, во изминатите 15 години повремено успевале да избегнат да платат федерален данок на доход, објави „ПроПублика“.

„ПроПублика“, портал кој се занимава со новинарски истражувања, ги црпи своите податоци од опширни „тајни“ материјали добиени од Даночната служба на САД (ИРС). Досега се сметаше дека даночните информации од официјалните органи на САД се тешко достапни.

Според овие податоци, Безос, кој е основач на Амазон и важи за најбогатиот човек во светот, не платил федерален данок на доход во 2007 и во 2011 година. Основачот на Тесла, Илон Маск, втор на листата светски милијардери, избегнал да плати данок во 2018 година. Истото може да се каже и за Мајкл Блумберг, инвеститорите Карл Ајкан и Ворен Бафет, како и финансиерот Џорџ Сорос, при што последниов успеал да избегне уплата на федерален данок на доход три години по ред.

Добиените информации го негираат митот дека даночниот систем на САД е фер, коментираат од „ПроПублика“. Податоците од ИРС укажуваат дека најбогатите луѓе плаќаат сосем мали суми споредено со нивното богатство и тоа се прави легално. Тие користат стратегии за избегнување данок недостапни за обичните луѓе.

Богатството на милијардерите произлегува од вредноста на нивниот капитал, акции и сопственоста. Според американските закони, данок се плаќа во случај на продажба на тие активи.

Во изминатите години, просечно американско семејство заработува околу 70.000 долари годишно и плаќа 14 проценти федерален данок. За доход повисок од 628.000 долари од оваа година во сила е даночна стапка од 37 проценти, но според „ПроПублика“ податоците укажуваат дека супербогатите успешно го заобиколувале системот.

Најбогатите 25 Американци според рејтингот на Форбс, од 2014 до 2018 година станале побогати за 401 милијарда долари, но платиле 13.6 милијарди долари, или само 3.4 отсто.

Закоодавци во американскиот Конгрес во март претставија нацрт-закон за оданочување на супербогатите. Според авторите, економијата со тоа ќе стане поправедна и од тие даноци за десет години ќе се соберат околу три трилиони долари. Во случај на донесување на овој закон стоте најбогати Американци во 2021 година би требало да платат 78 милијарди долари данок на доход.

За да заштеди уште повеќе, Маск лани во декември одлучи да се пресели од Калифорнија во Тексас, каде што не се плаќа државен данок на доход.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.