Авионот на етиопската воздухопловна компанија „Ethiopian Airlines“ во чиј пад минатата недела загинаа 157 луѓе летел со необично голема брзина по полетувањето пред пилотите да дојават дека имаат проблеми и да бараат дозвола за брзо искачување, рекол неименуван извор кој ја слушал снимката од контролата на воздушниот сообраќај, пренесува „Ројтерс“.
Претходно беше објавено дека експертите на француското Биро за истражување авионски несреќи (BEA), ги извлекле податоците од уредот за снимање во кокпитот (CVR) на „Boeing 737 Max 8“ на етиопската компанија.
Податоците, содржани во снимачот на глас беа успешно извлечени во BEA и предадени на истражниот тим од Етиопија. Во BEA не беа слушани аудиоснимките, се вели во објавата на Бирото на Twitter.
Вадењето на податоците од уредот за записи на податоците од летот (FDR) ќе продолжи во недела. Уредите FDR и CVR беа предадени во Париз од Етиопија во четвртокот.
Гласот од кокпитот на „Boeing 737 MAX“ барал авионот да се искачи на 14.000 стапки, околу 6.400 метри над аеродромот, пред итно да побара да се врати, рекол неименуван извор за „Ројтерс“. Авионот исчезнал од радарот на височина од 10.800 стапки, околу шест минути по полетувњето од аеродромот во Адис Абеба.
Рекол дека има проблем со контролирањето на летот. Затоа сакал да се подигне на поголема височина, рекол истиот извор и додал дека нема дополнителни поединости и дека гласот на снимката звучел нервозно.
Експертите велат дека пилотите обично бараат да се искачат на поголема височина за да добијат простор за маневрирање и да избегнат тежок терен. Адис Абеба имено е опкружена со ридови и на север со планинскиот масив Ентото.
Брзината на авионот на земјата била невообичаено висока и достигнала околу 400 чвора (460 милји на час) наместо 200 до 250 чворови… Тоа е пребрзо, рекол изворот на „Ројтерс“.
Две минути подоцна, кога контролорот на летањето бил во комуникација со друг авион, гласот од леталот на „Ethiopian Airlines“ на летот ЕТ302 го прекинал и звучел многу преплашено. Барал дозвола за враќање. Контролата на летањето му одобрила свртување на десно. По една минута авионот исчезнал од радарот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.