Се поголем број на доктори и медицински работници се разболени и се наоѓаат во карантин, па недостатокот на медицински персонал создава голем притисок врз германското здравство.
Владините мерки веќе го зголемија бројот на кревети за интензивна нега од 24 на 40 илјади, од кои повеќето се со обезбеден респиратор. Сепак, на германскиот здравствен систем му се потребни повеќе доктори и медицински персонал, а деновиве од институтот „Роберт Кох“ соопштија дека дури 2,300 доктори се во карантин или се заразени.
Поради ова, здравствените власти од Саксонија ги повикуваат на помош странските доктори, вклучително и мигрантите. Според податоци објавени на Фејсбук групата „Сириски доктори во Германија“, околу 14 илјади Сиријци чекаат дозвола за работа.
Еден од докторите кои би можеле да се придружат е Сафван Аднан Али кој од Сирија во Германија пристигнал во 2016-та година. Студирал општа хирургија во Латакија, а потоа се преселил во Ирак. Откако пристигнал во Германија, започнал да го учи јазикот и полагал испити.
Го чекав испитот, а потоа пристигна коронавирусот и се сопре. Кога беше објавен апелот, помислив дека навистина сакам да помогнам, да направам нешто корисно. Би сакал да ѝ дадам нешто на земјата која ми помогна многу, па веднаш го испратив моето CV, изјави Али.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.