Како одговор на глобалниот пораст на заболени лица, германскиот парламент изгласа дека вакцинацијата за мали сипаници во Германија ќе биде задолжителна, пренесе „Гардијан“.
Родителите кои ќе одбијат да ги вакцинираат своите деца ќе се соочат со казни до 2.500 евра и ќе им биде забрането на децата да ги посетуваат градинките или училиштата.
Актот за заштита од мали сипаници (морбили) ќе стапи на сила следниот март, а неговата имплементација најверојатно ќе биде следена од страна на застапниците за задолжителна имунизација.
Слична мерка разгледува владата на Велика Британија, која според министерот за здравство на оваа земја„сериозно разгледува“ да ја направи вакцинацијата задолжителна за сите деца кои посетуваат државни училишта.
Бундестагот го изгласа законот вчера, по неколку месеци дебата. Од германското министерство за здравство рекоа дека законот ќе ги заштити децата и рекоа дека тие кои го поддржуваат покажуваат одговорност кон целото општество.
Светската здравствена организација (СЗО) рече дека неопходно е вакцинирање на 95 отсто од популацијата за да се превенира голема епидемија.
Овој закон беше широко поддржан од поголемиот дел од партиите во Бундестагот, а најголем критичар беше Зелената партија, која иако широко го поддржа процесот на вакцинација, кажа дека е неопходно да се започнат кампањи за едукација, а не оваа мерка да се спроведува со закон.
По законот, и децата и вработените во институции за грижа на деца, вклучувајќи ги градинките, болниците, центрите за мигранти и камповите за деца мораат да бидат вакцинирани и да имаат доказ за тоа.
Пред појавувањето на вакцината за морбили пред 56 години, големи епидемии на болеста се појавуваа многу често. Во Германија беа забележани 543 случаи на болеста минатата година, а оваа година досега се пријавени 400. Во Европа, во 2016 година беа забележани 5.270 случаи, додека во следната 2017 година бројката се искачи на 24.000.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.