Приближно триста демонстранти упаднаа во Парламентот на Намибија пред гласањето за германскиот предлог за обесштетување од 1 милијарда долари поради геноцидот на Германската империја врз припадниците на народите Хереро и Нам помеѓу 1904 и 1908 година.
Властите на Намибија на 28 мај објавија дека Германија се согласила да финансира проекти во земјата, што се наоѓа во југозападна Африка, во вредност од милијарда долари, во период од 30 години. Овие инвестиции би биле откуп за геноцидот и грабежот на имотот во тогашната германска колонија.
Германија на 28 мај се извини за улогата во масакрот врз народите Хереро и Нама, а Берлин првпат официјално ги опиша масакрите како геноцид.
Демонстрантите предводени од опозициските лидери и традиционалните водачи на погодените заедници маршираа низ главниот град Виндхук, за на крајот да влезат во зградата на Парламентот преку оградата. Тие наведуваат дека понудената сума е премала и реагираат дека не биле вклучени во преговорите со Германија.
Таканаречениот договор е флагрантно игнорирање на нашите легитимни барања за репарација и реституција – стои во петицијата до потпретседателот на Парламентот, Лоид Касинг.
Германските војници убиле илјадници членови на народите Хереро и Нама помеѓу 1904 и 1908 година, откако домордците се побуниле против властите на германската колонија во Југозападна Африка. Преживеаните биле протерани во пустина, каде што многумина биле користени како робови во концентрациски логори. Многумина починале од студ, неисхранетост или исцрпеност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.