Министерот за транспорт на Германија, Андреас Шоер во Берлин претстави план за мрежа на супербрзи железнички линии меѓу европските градови, чие основање треба да биде финансиски поддржано од Европската унија.
Шоер всушност би го оживеал „Транс-Еуроп-Експрес“, предлагајќи комбинацијата на супербрзи и ноќни возови за повторно да ја отвори железничката врска помеѓу поголемите градови во Западна Европа, затворена во 1987 година – пишува „Ди Цајт“.
Во првата фаза, „Транс-Еуроп-Експрес“ (ТЕЕ) ќе ги поврзе Берлин и Барселона преку Лион, со проценето време на патување од 13 часа. Мрежата би вклучувала и директни врски помеѓу Амстердам и Рим и меѓу Париз и Варшава.
Првата фаза од планот нема да бара значителни подобрувања во инфраструктурата.
Втората фаза ќе ја поврзе јужна Германија со дестинациите во Источна и Јужна Европа и со скандинавските градови и ќе вклучува завршување на големите железнички проекти.
Шоер наведе примери на проекти за изградба на железничкиот центар Штутгарт 21, изградбата на тунел под Балтичко Море што ќе ги поврзува Германија и Данска и тунелот „База Бренер“ на Алпите, на австриско-италијанската граница.
Нашиот концепт ќе ја формира основата врз која компаниите со брзи и ноќни возови ќе можат да воспостават привлечни врски – изјави Шоер пред разговорите со европските колеги за новиот план.
Мрежата треба да биде воспоставена до 2025 година, а германскиот министер и предлага на Европската Унија да креира програми за финансирање за да им се олеснат инвестициите и набавките на железничките компании.
Мрежа на супербрзи и ноќни возови може да се воспостави до 2025 година. Не смееме да губиме време – нагласи германскиот министер.
Планот за директни железнички врски меѓу европските метрополи германскиот министер го претстави во јуни, пред почетокот на германското претседателство со ЕУ, и има за цел земјите-членки да дадат заедничка изјава за планот до крајот на годината.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.