Иако во Германија се повеќе се шири делта сојот на Корона вирусот, а има доволно вакцини, недостасува волјата на граѓаните за интензивирање на вакцинацијата. Сè помалку граѓани резервираат термин за вакцинирање, а многумина, кои го направиле тоа не се појавуваат на закажаниот термин.
Германските медиуми пренесуваат мислења на експертите дека една можна причина за слабиот интерес е сезоната и на годишни одмори, односно тоа што многумина Германци попрво одлучуваат да заминат на одмор отколку да се појават на терминот за втората вакцина.
Кампањата за мотивирање на граѓаните за вакцинирање со плакати, билборди, телевизиски спотови и информации на интеренет, која почна во февруари и ја чинеше германската влада 25 милиони евра, не вроди со плод. Според министерот за здравство Јенс Шпан, во моментов во Германија дневно се вакцинираат толку малку граѓани како на почетокот на кампањата во февруари. Но, тогаш виновник беше недостатокот на вакцини. Сега, меѓутоа ги има повеќе од доволно.

Најновите податоци од државниот епидемиолошки институт Роберт Кох (РКИ) не се охрабрувачки: само 43 проценти од германските граѓани се целосно вакцинирани. Според сегашните предвидувања, меѓутоа, дури 85 проценти од граѓаните на возраст меѓу 12 и 59 години мора да бидат целосно вакцинирани за да се спречи четвртиот бран на Ковид-19. Кај постарите од 60 години, тој процент мора да изнесува дури 90.
Првобитно, односно пред појавата на позаразниот сој Делта на корона вирусот, Светската здравствена организација (СЗО) проценуваше дека 70% вакцинирани граѓани се доволни за имунизација на општеството.
Затоа експертите и политичарите во Германија, во моментов се загрижени и се натпреваруваат со креативни идеи за тоа како да ги поттикнат граѓаните да се вакцинираат. Но, идеите како онаа на покраинскиот премиер на Сарланд, Тобијас Ханс, вакцинацијата, слично како во САД, да се поврзе со лотарија со огромни добивки, не наидоа на воодушевување.

Повеќето германски покраини сè уште ја вложуваат целата своја енергија во информативни кампањи и мобилни центри за вакцинација.
500 евра награда за вакцинирање?
Најнаселената германска покраина Северна Рајна-Вестфалија штотуку ја почна „Неделата на вакцинација“ за време на која засилено се нудат вакцинации не само кај лекари или во центрите за вакцинација, туку и на многу фрекфентни места во градовите, како улиците за шопинг, трговските центри, спортските објекти. Граѓаните можат да примат вакцина дури и во прочуената катедрала во Келн.

Други општини и градови во Северна Рајна-Вестфалија планираат или веќе спроведуваат други креативни идеи за поттикнување на имунизацијата. Некои градови, на пример, вакцинираат со диско музика и бесплатни безалкохолни коктели. Министерот за здравство на оваа покраина, Карл-Јозеф Лауман зборува за „пресвртницата на кампањата за вакцинација“.
Креативноста не треба да има граници – вели Лауман.
Таквиот став го поддржуваат и бројни други политичари во земјата.
Економистката од Институтот за технологија во Карлсруе, Нора Шех дури предлага и парична награда. Таа вели дека нејзините истражувања покажале дека подготвеноста за вакцинирање расте со понуда на парична компензација. Со награда од 100 евра, подготвеноста за вакцинација се искачува на 80 проценти од граѓаните. Таа, дури, се залага за награда од 500 евра. Тогаш, подготвеноста за примање вакцина достигнува до 90 проценти.

Таа упатува на експертските проценки дека вредноста на секоја целосна вакцинација за општеството е 1.500 евра.
Значи, инвестицијата се исплатува – вели економистката и предлага оние што веќе биле вакцинирани да бидат наградени ретроактивно.
И здравствените работници исто така предупредуваат дека се потребни натамошни залагања за повисоки стапки на вакцинација.
Тука се бара поголема креативност од локалните власти – вели Сузане Јона, претседателка на лекарскиот синдикат „Марбуршки сојуз“.
Според неа, од одлучувачко значење е да се допре до оние, кои досега сѐ уште се колебаат или сакаат да бидат убедени во неопходноста на вакцинацијата.

Претседателот на Германското здружение за интензивна и итна медицина (ДИВИ) Гернот Маркс смета дека нема простор за паника дури и ако има четврти бран на пандемијата.
Гледам со респект, но без паника кон есента и кон можниот четврти бран – вели тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.