Германската влада за првпат усвои нацрт-закон за ангажирање квалификувана странска работна рака бидејќи се соочува со проблемот на стареењето на населението, пренесува Б-92.

Новиот закон предвидува граѓаните на земјите кои не се членки на ЕУ, а имаат квалификации потребни за Германија, да добијат дозвола за престој од шест месеци за да најдат работа. Во овој период, тие мора да имаат свои средства за живот и да покажат доволно ниво на познавање на германскиот јазик.

Министрите за економија и за труд, Петер Алтмаер и Хубертус Хајл го поздравија донесувањето на законот оценувајќи дека со него ќе се овозможи праведна шанса и јасни правила во политиката за доселување на квалификувана работна сила.

Алтмаер изјави дека станува збор за историски момент во кој Германија го менува начинот на размислување кога станува збор за доселувањето.

„Ние зад себе ја оставаме идеолошката расправа за доселувањето која траеше 30 години“, рекол министерот алудирајќи на долгогодишното одбивање на политичките фактори во Германија државата да ја прогласат за доселеничка земја.

Министерот за труд пак, рекол дека демографските промени и дигитализацијата ја ставаат германската економија пред голем предизвик, додавајќи дека на Германија веќе и недостасуваат 1.2 милиони стручни работници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.