Амбасадорите на земјите-членки на Европската унија денес во Брисел треба да гласаат за конечниот германски предлог за преговарачка рамка за Македонија и Албанија, јави дописникот од Брисел Ернест Бунгури.
Според него, предлогот што Германија го става на маса, по исцрпувачките преговори со Бугарија, ќе биде во формата „земи или остави“. Доколку Бугарија остане цврста во намерата да не дозволи отворање на преговори со Македонија, тогаш прашањето ќе биде одложено за средината на декември. Освен Македонија, и Албанија се соочува со сериозни пречки во отворањето на преговорите – во нејзиниот случај главниот отпор доаѓа од Холандија, а причината е недоволниот напредок во владеењето на правото и борбата против криминалот.
Бунгури објави порака од 3 ноември, во која на земјите членки им се дистрибуира нацрт преговарачката рамка за Македонија и Албанија, испратена од земјата претседавач со Европскиот Совет – Германија. Преговарачката рамка беше главната точка на конфликт меѓу земјите членки, особено Бугарија, која одбива да ја прифати ако Македонија не направи сериозни отстапки по своите клучни национални интереси. Во пораката од Германија се вели дека преговарачката рамка се нуди на одобрување без притоа да се прејудицира датум за првата меѓувладина конференција – односно конкретниот почеток на преговори. Со тоа, можно е рамката да биде прифатена, а Македонија сепак да остане без конкретен датум за почнување на преговорите.
Германската канцеларка Ангела Меркел, претседателот Франк Волтер Штајнмаер и дипломатите Хаико Мас и Михаел Рот разговараа со лидерите на Македонија и Бугарија, а Мас и Рот дури и организираа итна средба во Берлин со Никола Димитров, Бујар Османи и Екатерина Захариева (по која Захариева мораше да замине во изолација поради можна изложеност на корона вирусот). Засега не е извесно дали германските притисоци ќе вродат со плод – единствено Захариева порача дека Бугарија ќе остане цврста во својот став дека Македонија не го почитува доволно договорот Заев – Борисов од 2017 година за да може да ги почне преговорите со ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.