Цел геном на коронавирусот за првпат е успешно секвенциониран во Унгарија од страна на Групата за вирусолошки истражувања на истражувачкиот центар „Сентготаи“ на Универзитетот во Печ и Групата за истражување на био-информатика, објави „Хунгари тудеј“.

Вирологот Ференц Јакаб, водачот на истражувачкиот центар „Сентготаи“, истакна дека ова е важна пресвртница за понатамошно унгарско и меѓународно истражување. Тој додаде дека целта на работната група задолжена за истражување на коронавирусот е да се здобие со понатамошно знаење за вирусот, со акцент на испитување на неговиот патомеханизам и механизам за размножување, истражување на можните чекори за превенција, како и развој на ефикасни антивирусни лекови и вакцини во иднина. Според професорот, сегашниот резултат докажува и дека овие видови на соработки можат да донесат успех што е потребен во борбата против епидемијата на коронавирус.

Според изјавата на универзитетот, Групата за вирусолошки истражувања на Печ, предводена од Габор Кеменези, го обработила примерокот од фарингеален ексудат на заразен пациент во Унгарија, според меѓународните протоколи како прв чекор. Потоа, членовите на лабораторијата за геномика и био-информатика на Центарот, Петер Урбан и Габор Ендре Тот, го дефинираа геномот на вирусот користејќи напредната технологија за секвенционирање. Д-р Роберт Херцег, член на истражувачката група за био-информатика, спровел обработка и анализа на голема количина на податоци.

Блиската соработка на истражувачките групи и развиената процедура овозможува да се изврши целосен работен тек во Унгарија што е можно побрзо, дури и во случај на дополнителни идентификувани позитивни примероци во Центарот за истражување на „Сентготаи“ на Универзитетот во Печ.

Центарот за вирусолошки изстражувања во Печ објави на „Фејсбук“ и за најверојатно потеклото на првите геноми на коронавирус во Унгарија. Како што рекоа, геномите на вирусот даваат многу информации за истражувачите и им овозможуваат да го разгледаат „семејното стебло“ на вирусот. Секоја мутација што вирусот, кој потекнува од Кина, се акумулира кај различни луѓе на различни географски места, може да се користи како еден вид отпечаток во случај да сакаат да објаснат од каде потекнува.

Според објавата, засега резултатите покажуваат дека познатите секвенци во Унгарија доаѓаат од фокусните точки на Западна Европа. Според податоците во позадина, примероците од Холандија, Швајцарија и Шпанија се најблиските роднини на вирусите во Унгарија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.