Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во новогодишната порака повикал 2022 година да биде година на закрепнување за луѓето и планетата и за просперитет.

Да направиме заедно закрепнувањето да биде наша одлука за 2022-ра година, да се обединиме околу решенија кои можат да им помогнат на сите луѓе, да одиме напред заедно со надеж во тоа што нашето човечко семејство може да постигне”, истакнал генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш во новогодишна порака објавена на официјалниот сајт на ОН.

Тој навел дека светот ја чека 2022 година со надеж за иднината која е на тест поради продлабочената сиромаштија, зголемена нееднаквост, нееднаква дистрибуција на ковид вакцините, климатските обврски кои не се исполнуваат, како и постојаните судири, поделбите и дезинформациите. Тоа, како што оценил, не се само тестови на политиката, туку и тестови на моралот и вистинскиот живот.

Ова се испити кои целото човештво може да ги положи ако се посветиме на тоа 2022 да биде година на закрепнување за сите, порачал највисокиот службеник на ОН.

Гутереш детално објаснил како закрепнувањето треба да се реализира на секој фронт.

Според неговите зборови, пандемијата бара “јасен план за вакцинација за сите луѓе, секаде во светот”, додека за закрепнувањето на економијата неопходно е богатите земји да го поддржат светот во развојот низ финансирање, инвестиции и ублажување на долгот.

Во меѓувреме, за светот да закрепне од недовербата и поделбите, потребно е, како што рекол, да се стави акцент на науката, фактите и разумот.

Во исто време, закрепнувањето од конфликтите бара “обновен дух на дијалогот, компромис и помирување”, додека за доброто на нашата планета потребна е работа на решавање на климатските промени, рекол Гутереш во новогодишната порака.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.