Бруто домашниот производ на Франција пораснал за три отсто во третиот квартал од 2021 година со што ги надмина пазарните прогнози, благодарение на силната приватна потрошувачка и експанзијата на извозот, покажуваат прелиминарните податоци на Националната статистичка служба ИНСЕЕ.
Во истражување 24 аналитичари предвидоа раст на втората по големина европска економија од 2,1 отсто.
Министерот за финансии Бруно Ле Мер за радиото „Франс Инфо“ изјави дека ова е „исклучителен резултат“ кој покажува дека економијата се движи во вистинската насока. Според соопштението на ИНСЕЕ, растот во третиот квартал значи дека француската економија е блиску до достигнување на нивоата пред избувнувањето на пандемијата со Ковид-19.
Аналитичарите во инвестициската банка ИНГ го опишуваат растот на БДП во третиот квартал како „одлична вест“, но предупредија дека тој може да биде максимум оваа и следната година, бидејќи глобалната економија се бори со инфлаторни притисоци и проблеми со синџирот на снабдување. Како што напишаа во анализата, нивото на раст во третиот квартал е веројатно највисокото што ќе го видиме во Франција во 2021 и 2022 година. Врвот е достигнат и отсега економскиот раст ќе почне да забавува.
ИНСЕЕ прогнозира дека БДП на Франција ќе порасне за 6,25 проценти во 2021 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.