Франција развива програма за создавање „супервојници“, односно постапки со кои ќе се постигне војниците да не чувствуваат болка, стрес и замор, како и да се подобри нивната ментална состојба додека се во акција, а чија цел е да се обезбеди примат на бојното поле на иднината.

Француските воени сили добиле дозвола да почнат истражувања за развој на „надградени војници“ со бионички протези за поголема сила и мобилност, со супстанци што би ги засилиле перцепцијата и когнитивните способности или со вградени чипови за подобра координација и комуникација.

Во документот на Министерството за одбрана се дефинирани условите за вградување импланти и други технологии, дизајнирани со цел да се зголемат капацитетите на војниците да дејствуваат на бојни полиња во иднината. Притоа се забележува дека „и други земји веќе работат на вакви концепти, па и Франција мора да го одржува чекорот“.

Мораме да се соочиме со фактите. Не секој ги споделува нашите скрупули и мора да бидеме подготвени за што и да носи иднината. Барем засега, нема планови да се развива „инвазивна“ технологија за војниците, туку ќе се прават напори да се изнајдат начини да ја задржиме оперативната супериорност брз да им свртиме грб на нашите вредности – изјави пред една недела министерката за одбрана, Флоранс Парли.

Францускиот Комитет за воена етика беше формиран пред една година и опфаќа 18 експерти од разни општествени полиња. Задача на Комитетот е да дава појаснувања за сите етички прашања што се однесуваат на потенцијално вклучување нови научни изуми и технолошки иновации кај војниците.

Детали од извештајот на Комитетот за воена етика беа објавени завчера.

Луѓето долго време истражувале начини како да ги зголемат своите физички, когнитивни, перцептивни и психолошки способности за да стекнат предност при војување. Можните напреднати технологии може да водат кон вградување направи на телото што би ги надградиле капацитетите на војниците – се наведува во документот.

Притоа се споменуваат истражувањата на протетички, механички и компјутерски импланти што би го зголемиле „мозочниот капацитет“, што на војниците би им помогнало да разликуваат непријател од сојузник, а на командирите на единиците би им овозможило од далечина да ја надгледуваат позицијата на војниците и директно да ги следат нивните витални показатели.

Во документот е наведено дека е „од најголема важност е да не бидат прекршени етичките норми“. Строго се забрануваат генетски модификации, како и „какви било интервенции што би ја загрозиле интеграцијата на војникот во општеството и неговото враќање во цивилниот живот по крајот на воената обврска“.

Министерката Парли потсети дека и во граѓанскиот сектор се повеќе се користи надградување на капацитетите, а особено е напредната работата на невронски импланти.

Како можни интервенции што не би ги прекршиле етичките норми се наведуваат медицински третмани за да ублажат или да спречат болка, стрес и замор, како и користење супстанци што би ја подобриле менталната состојба ако војникот биде заробен. Забранети, пак, според насоките во документот, би биле когнитивни импланти што би ја нарушиле слободната волја на војникот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.