Франција и Шпанија побараа измена на правилата што ги регулираат пазарите на енергија на Европската Унија поради скокот на цените на гасот и електричната енергија, што ги зголемува и така високите сметки за комунални услуги и доведува до дополнително „затегнување на ременот“ на луѓето кои беа тешко погодени од пандемијата со корона вирусот.

Европските влади се обидуваат да најдат начини да ги ограничат трошоците за потрошувачите бидејќи оскудните резерви на природен гас доведуваат до повисоки цени и евентуален недостиг доколку зимата е студена. Цените на природниот гас се пониски во САД, кои произведуваат сопствен гас, додека Европа се потпира на увозот.

Цената на гасот скокна масовно и брутално во последните неколку недели. Јасно е дека ова е прашање што предизвикува голема загриженост за сите нас – вели францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер, пред да се сретне со колегите од 19 земји кои користат заедничка валута – евро.

Шпанската министерка за економија Надија Калвино, чија земја е меѓу најтешко погодените од зголемувањето на цените на енергијата, порача дека „ова не е прашање со кое може да се справат на национално ниво“.

Потребен ни е координиран европски одговор – изјави таа пред новинарите на состанокот во Луксембург и ја повика Европската комисија „да преземе одлучни и итни мерки за решавање на ова прашање“.

Според Европската конфедерација на синдикати (ЕТУЦ), речиси три милиони работници во ЕУ во моментов не можат да си дозволат да ги загреат своите домови.

Една студија објавена минатиот месец од ЕТУЦ, која претставува 45 милиони членови, вели дека 15 отсто од сиромашните работници во ЕУ, што значи 2,7 милиони луѓе, немаат доволно пари да вклучат греење.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.