Резултатите од американските избори влегуваат во фото финиш, а конечниот епилог се уште не се знае кога би и бил познат на јавноста. Се ќе зависи од гласовите испратени по пошта кои се уште се пребројуваат во уште девет држави, каде трката е неизвесна.
Бајден води во Невада, Аризона и Висконсин, а по неколку пресврти, со неколку илјади гласови води и во Мичиген која би можела да биде клучна држава за победа на двајцата кандидати. Неговиот ривал Доналд Трамп извесно е дека ќе победи во Пенсилванија, Џорџија и Северна Каролина, но доколку сака да обезбеди втор мандат и на него ќе му биде потребна победа во Мичиген која би го одвела над 270 електорални гласови.
Сепак, Трамп веќе прогласи победа, а во исто време и обвини за масовна измама.
Ова е измама врз американската јавност, ова е срам за нашата држава. Се подготвувавме да победиме на овие избори и искрено, ние победивме на овие избори. Нашата цел сега е да го обезбедиме интегритетот за доброто на нацијата. Ова е многу важен момент, ова е голема измама во нашата нација. Сакаме законот да биде искористен на вистински начин и затоа ќе се жалиме пред Врховниот суд – изјави Трамп.
Изјавата на Трамп експресно беше оценета како скандалозна и непримерна од кампот на Бајден, кој, пак, пред неговите приврзаници порача дека се уште е рано, но сепак изрази оптимизам дека е блиску до победа на изборите.
Ќе ги знаеме резултатите најрано изутрина, а можеби и подоцна, но како што велев постојано, не е мое место или на Доналд Трамп да одреди кој ќе победи на изборите, туку на народот. Но, јас сум оптимист за овој исход и би сакал да ви се заблагодарам на сите кои излеговте на овие избори и гласавте. Задржете ја вербата луѓе, ќе победиме во ова – изјави Бајден.
Неизвесноста од изборниот резултат веќе извади дел од граѓаните на протести во неколку американски градови каде беа забележани и судири со полицијата. Инцидент се случил и пред Белата Куќа каде, според информациите, едно лице било прободено со нож.
Покрај за претседателските избори, гласачите во САД одлучуваа и за 435 места во претставничкиот дом, како и 35 од 100 места во американскиот сенат.
На изборите кои можеби беа и најинтересни до сега, најпрво бидејќи се одвиваат во услови на светска пандемија, но и поради длабоката поделеност на општеството беше забележан рекорден број на излезност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.