Полицијата во Индијана го пронашла и го фатила „исклучително опасниот“ затвореник кој на 29 април побегна со помош на полицајка која работела како затворски чувар. Таа се самоубила при апсењето.

Кејси Вајт повторно е уапсен – изјави шерифот Рик Синглтон за новинарите.

Затворската чуварка, Вики Вајт, која е осомничена дека му помогнала да избега и со која затвореникот бил во љубовна врска, во болница им подлегнала на повредите кои си ги нанела со огнено оружје при апсењето.

Вики Вајт (56) и Кејси Вајт (38) имаат исто презиме, но не се во роднинска врска.

Парот последен пат бил виден во затвор во Алабама кога Вики Вајт го одвела на лажен психијатриски преглед. Тоа на Вики и бил последниот ден на работа пред да се пензионира. Според пишувањата на локалните медиуми, таа неодамна ја продала куќата и им рекла на колегите дека планира да поминува повеќе време на плажа.

Нивното бегство траеше десет дена во кои поминале стотици километри и поминале низ најмалку четири сојузни држави. Сè заврши ненадејно со бркотница со автомобил во близина на Евансвил во срцето на Средниот Запад.

Кејси Вајт беше зад воланот. Вики Вајт беше на совозачкото седиште. Тие доживеаа несреќа за време на потерата. Кејси Вајт се предаде, додека Вики Вајт беше пренесена во болница – соопшти Синглтон.

Двојката го разбуди интересот на јавноста затоа што тие двајца се многу различни: таа – примерен јавен службеник кој имаше уреден живот; тој – „џин“ висок 2,06, повеќекратен повратник во затвор осомничен за убиство.

Денеска отстранивме многу опасна личност од улица. Тој повеќе нема да ја гледа светлината на слободата – изјави шерифот Синглтон.

Шерифот објасни дека бегството на двајцата било „многу внимателно подготвено“.

На 29 април, Вики Вајт со неверојатна леснотија го зела Кејси од затворот во градот Фиренца, Алабама, каде што издржуваше казна од 75 години. Вики ги надгледувала трансферите на затворениците во округот Лодердејл.

На снимката од надзорните камери се гледа како полицајка следи голем тетовиран затвореник чии раце и нозе се во синџири, му помага да влезе во полициско возило и да го одведе под лажен изговор дека ќе го однесе на психијатриско вештачење.

„Примерниот службеник“ и „најсигурниот затворски чувар“, како што ја опишуваат шерифот и обвинителот, обезбедила уште еден автомобил за бегство што ги чекал на паркингот во блискиот трговски центар. Автомобилот, кој таа го купила под лажно име, подоцна бил пронајден во засолниште за животни во Тенеси.

Подоцна полицијата утврдила дека Вики подигнала околу 90.000 долари од нејзината сметка, кои и останале од продажбата на куќата и дека двојката била во врска две години.

Во септември 2020 година, Кејси Вајт беше обвинет за убиство на 58-годишната Кони Риџвеј. Тој веќе лежеше 75 години затвор за серија насилни злосторства во 2015 година, вклучувајќи провална кражба, кражба на возила и полициска потера.

Тој, наводно, го признал убиството, но подоцна се изјаснил за невин поради лудило и го чекал судењето во окружниот затвор Лодердејл кога исчезнал, додаваат властите.

Кејси се соочува со егзекуција доколку биде осуден.

Да беше фатена, Вики Вајт, вдовица без деца, можеше да биде осудена на 10 години затвор за помагање на затвореник да избега.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.