Спорот меѓу Унгарија и Словенија кој изби околу слободата на говор покажа крајно ниво на дволичност од страна на европските социјалдемократски партии.
Спорот започна кога левичарскиот неделник Младина од Словенија при крајот на март објави карикатура на која унгарскиот премиер Виктор Орбан е претставен како со раката го прави нацистичкиот поздрав додека словенечките десничари го поддржуваат.
Унгарското Министерство за надворешни работи упати протестна нота до словенечкото министерство кое експресно ја отфрли, велејќи дека во Словенија се почитува слободата на говорот.
По овој инцидент, социјалдемократските партии од Европа, на кои Орбан им е ноќна мора, се придружија на левичарската словенечка Влада на Марјан Шарец и ја охрабрија во натамошното конфронтирање со унгарската десничарска Влада.
Германскиот социјалдемократ Удо Булман, кој е шеф на пратеничката група на социјалдемократите ПЕС во Европскиот парламент, при неодамнешната посета на Словенија го пофали Шарец што му се спротиставил на Орбан и што ја брани слободата на говорот.
Но, од конзервативниот словенечки неделник Демокрација велат дека состојбата во оваа земја е сосем поинаква, и далеку од тоа дека Словенија е бастион на слободата на говорот – напротив, таа слобода важи само за левичарските списанија. Словенија е веќе 11 години под безмалку непрекината контрола на левичарски партии, кои се пресметуваат со политичките неистомисленици во медиумите.
Како главен уредник на десно ориентираниот неделник Демокрација, досега три пати сум бил сослушуван од страна на полицијата за содржините објавени во неделникот или за нашите насловни страници. Се соочувам со закани за кривично гонење, а во еден случај ми се заканува затворска казна од две години. Слободата на говорот во Словенија е до толку под закана што премиерот Марјан Шарец минатата есен им порача на државните претпријатија да не се рекламираат во медиумите кои „ширеле омраза“. Во Словенија, овој израз „ширење омраза“ значи дека медиумот не се согласува со ставовите на Владата или не ги споделува вредностите на левичарските политички партии, пишува Јоже Бишчак, главен уредник на Демокрација, во отворено писмо упатено до германскиот европратеник, кој се застапува за слободата на говорот само за просоцијалистичките медиуми.
Бишчак посочува дека левичарските медиуми во Словенија отворено го слават и величаат комунистичкиот режим и ги негираат злостоствата извршени во тој период, и шират разни други ставови кои може да се сметаат за говор на омраза.
Уште полошо, Министерството за култура најави нови закони за медиумите со кои ќе се заостри регулативата и ќе ѝ се овозможи на Владата да ги казнува и замолчува непослушните медиуми. Сето ова е насочено против нашиот медиум, кој во изминатите месеци се соочува со заострени притисоци. Дали е тоа нормално? Дали е тоа вашата слобода на говор? Дали е тоа во согласност со европските вредности? Или за тоа зборувате само кога треба да ги напаѓате суверените држави како Унгарија и Полска, прашува Бишчек во писмото до Удо Булман.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.