Според Европската Комисија, издавањето бугарски пасоши за Македонци е внатрешна работа на Бугарија во која таа не се меша.
МИА побара одговор од Европската Комисија откако бугарскиот претседател Румен Радев се повика на македонските граѓани со бугарски пасош и се произнесе за неговите очекувања за исходот од пописот во Македонија.
Од Европската Комисија велат дека таа нема став за механизмот на издавање бугарски пасоши за Македонци.
Натурализациите за кои прашувате не се поврзани со доделување државјанство преку инвеститорски шеми, така што како што рековме и претходно, ова е билатерално прашање – одговараат од портпаролската служба на Европската Комисија на прашањето на МИА.
Европската Комисија има регулации единствено поврзани за издавање државјанство на инвеститори кои немаат вистинска поврзаност со државата од која добиваат пасош. Ова се однесува на случаи како Кипар каде бројни руски бизнисмени добиваат кипарско државјанство, а со тоа стануваат и државјани на ЕУ со право на слободно движење, само поради тоа што имаат скапи инвестиции во земјата.
Согласно ЕУ законите се бара, на пример, државјанството да не биде „продадено“, што значи да не се доделува преку етаблирање и управување со инвеститорски шеми за државјанство кои систематски водат до натурализација во замена со предодредени исплаќања и инвестиции – без вистинска поврзаност со земјата – велат од портпаролската служба на Европската Комисија која се занимава со правда.
Земјите членки на ЕУ, велат од Европската Комисија, имаат свои внатрешни правила за доделување државјанство на граѓани од трети земји доколку тие исполнуваат одредени услови на интеграција и можат да докажат автентична врска со земјата во која добиле државјанство.тм/са/
2021-10-12 08:56:09, од Тања М
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.