Раководството на Европската Унија потврди дека ги поддржува напорите за формирање независна држава Палестина и дека и натаму е посветена на надминување на палестинско-израелскиот конфликт врз основа на решение за формирање две држави.
Палестинскиот премиер, Мохамед Шајех, во Брисел одделно се состана со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
За време на разговорите се фокусиравме на напорите за формирање палестинска држава и за регионални теми. Ја потврдив определеноста на Европската унија за решение на база на воспоставување две држави – напиша Мишел на социјалните мрежи по средбата со Шајех.
Кабинетот на Борел соопшти дека шефот на европската дипломатија посочил дека ЕУ продолжува да го поддржува палестинскиот народ и формирањето на државата Палестина.
Борел, исто така, порачал дека ЕУ се залага за продолжување на палестинско-израелските мировни преговори за праведно и сеопфатно решение и воспоставување траен мир на Блискиот Исток.
Тој додал дека ЕУ е подготвена да соработува со сите на тој план.
Борел ја изразил длабоката загриженост на Европската Унија поради плановите на Израел за проширување на еврејските населби на окупираниот Западен Брег, како и депортацијата на Палестинците во регионот, но и од тешката хуманитарна ситуација во блокираната Газа.
Тој истакнал дека е загрижувачка и неодамнешната одлука на израелските власти да вклучат шест палестински невладини организации на листата на терористички организации.
Борел притоа најави дека ЕУ ќе го истражи случајот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.