Европската унија ги повика сите страни во сирискиот судир на неодложно прекинување на непријателставата во провинцијата Идлиб.

Обновената воена офанзива во Идлиб од страна на сирискиот режим и оние кои го подрржуваат предизвикуваат големи човечки страдања и тоа е неприфатливо. ЕУ ги повикува сите страни неодложно да ги прекинат непријателставата – се порачува во соопштението на Европскиот совет.

Лидерите на 27 земји членки на ЕУ, исто така, ги повикаа судрените страни во Сирија да ја гарантираат заштитата на цивилите и во целост да ги исполнат ветувањата искажани во Меморандумот од Сочи од 17 септември 2028 година, пренесуваат агенциите.

Унијата истакнува дека е подготвена да ја зголеми својата помош за најзагрозените жители во Идлиб и повика на одржлив прекин на огнот, за да се овозможи „непречен и директен хуманитарен пристап“ до загрозеното население, наведуваат американските медиуми.

Лидерите на Германија и на Франција, Ангела Меркел и Емануел Макрон вчера го повикаа рускиот претседател Владимир Путин за да му ја изразат својата загриженост за хуманитарната ситуација во Идлиб и повикаа на завршување на тамошниот судир.

Меркел и Макрон му кажале на Путин дека се подготвени да се сретнат со него и со турскиот претседател Ердоган за да се постигне политичко решение на кризата во Сирија.

Москва и Анкара, кои поддржуваат различни страни во деветгодишниот судир во Сирија, во разговорите не успеаја да постигнат компромис и да ја надминат директната конфронтација во провинциите Алепо и Идиб, наведуваат британските медиуми.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.