По Европскиот Парламент вчера, попладнево Советот на ЕУ го одобри договорот за истапување на Обединетото Кралство од ЕУ. Земјата од утре на полноќ нема повеќе да биде членка на Унијата, јави дописничката на МИА од Брисел.
Советот ја усвои, преку писмена процедура, одлуката за затворањето на договорот за повлекување од страна на ЕУ. Ова доаѓа по одобрувањето изгласано од Европскиот Парламент на 29 јануари и потпишувањето на договорот за повлекување меѓу ЕУ и Обединетото Кралство на 24 јануари, соопштија прес-службите на Советот на ЕУ денеска.
Ова е последната етапа во процедурата за истапувањето на Обединетото Кралство од ЕУ, кое стапува на сила утре на полноќ.
Од тогаш Обединетото Кралство нема повеќе да биде земја членка на ЕУ и ќе се смета за трета земја, соопштува Советот.
Договорот за Брегзит требаше да биде одобрен од двете ко-одлучувачки тела на ЕУ – Парламентот и Советот, за да може да стапи на сила на 31 јануари.
Овој договор се справува со прашањата поврзани за финансискиот долг на Британците кон ЕУ, правата на граѓаните и статусот на Северна Ирска, Кипар и Гибралтар, но не и со трговското партнерство меѓу двата блока, за кое двете страни допрва треба да преговараат.
Од утре започнува и транзицискиот период предвиден во договорот кој треба да заврши на 31 декември 2020 за да им се остави доволно време на сите чинители да се прилагодат на новата состојба.
За време на оваа транзиција Обединетото Кралство сѐ уште подлежи на правото на ЕУ, но нема биде застапено во институциите на ЕУ, потсетува Советот. Транзицискиот период може да биде продолжен еднаш од една до две години доколку за тоа се постигне договор до 1 јули 2020.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.