Лидерите на земјите-членки на Европската унија усвоија стретешка агенда за наредните пет години, се изјаснија за продолжување на економските санкции кон Русија, истакнаа нова осуда на турските активности во источно Средоземје и во Егејското Море, но не успеаја да најдат решение за главните теми за кои се собраа на вонреден самит во Брисел.
Раководните позиции во неколку тела и институции остануваат непополнети за што се најавени билатерални средби меѓу лидерите во наредниот период. Состанокот во Брисел на кој требаше да се одлучува за кандидати за претседатели на Европската комисија, на Европскиот парламент и на Европскиот совет започна со задоцнување од повеќе од три часа, а разговорите се покажаа „комплицирани што бараат и време“ како што ги опиша и германската канцеларка, Ангела Меркел.
Четири од пет позиции за кои се одлучува зависат од предлозите на Европскиот совет. Условите за тие четири места за мене се јасни. Две мора да припаднат на мажи и две на жени. На тоа се фокусирам. Во конечната распределба на позициите треба да има и маж или жена од истокот на Европа. За мене се најважни компетентноста на кандидатите и нивната посветеност на европскиот проект, рече францускиот претседател Емануел Макрон.
По првобитните шпекулации дека европските лидери на Самитот на Г-20 во Осака постигнале согласност за именување на социјалистот Франс Тимерманс за нов претседател на Европската комисија, сепак, претставници на конзервативците, односно, Европската народна партија (ЕПП) одбија да дадат поддршка на таквиот предлог.
Претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани во име на ЕПП порача дека за нив е „невозможно да го поддржат изборот на социјалистот“. Против изборот на Тимерманс отворено застанаа и претставници на Вишеградската група (Чешка, Словачка, Полска и Унгарија), но и официјален Рим.
Покрај изборот на претседател на Европската комисија, Унијата треба да именува и нови претседатели на Европскиот парламент и на Европскиот совет, шеф на дипломатијата и гувернер на Европската Централна банка. Но, освен политичкиот пакет на кандидати за водечките функции во ЕУ, мора да се обезбеди и географски и родов баланс меѓу земјите-членки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.